Јакимовски со реакција на писмо од министерот за економија: „Не сум јас тој што утврдува технички услови“

Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, денеска јавно реагираше на социјалните мрежи поради писмо што го добил од министерот за економија, Бесар Дурмиши, на 8 август, пренесува 4NEWS.mk.

Во својата објава, Јакимовски наведува дека министерот побарал од него информации дали дискотеката „Пјур“ ги исполнува минималните технички услови за вршење дејност.

„Го прочитав писмото и се запрашав дали случајно не е поставена скриена камера. Министерот од мене бара да утврдам нешто што не е во моја надлежност“, напиша градоначалникот.

Тој посочи дека проверката на техничките услови е одговорност на пазарната инспекција, која функционира во рамки на Министерството за економија, и не спаѓа во ингеренциите на локалната самоуправа.

„Министреее! Ти треба да ми кажеш дали објектот ги исполнува условите, не обратно. За вакви информации се обраќа на друг шалтер – тој што се вика пазарна инспекција“, му порача Јакимовски.

На крај, тој изрази сомнеж дека писмото можеби служи за одложување во корист на трети лица, но истовремено потенцираше дека одговорноста останува кај министерот.

Сподели ја објавата