„Баскерфест 2025“ се враќа: Уличната магија повторно ќе го оживее градскиот ритам

Не мора да патувате далеку за да доживеете нешто магично – доволно е да излезете на улица. „Баскерфест 2025“, по неколкугодишна пауза, се враќа на македонските улици, подготвен да ги претвори плоштадите и јавните простори во живописни сцени на уметничка изведба, радост и непосредна интеракција.

Ова, 15. издание на фестивалот на улична уметност, ќе се одржи од 25 август до 6 септември, патувајќи низ 9 градови и вкупно 13 различни локации низ Македонија. Фестивалот ќе започне со првото шоу во скопската општина Кисела Вода, а ќе заврши со завршна вечер во Гевгелија.

Повеќе од 20 уметници од Полска, Канада, Бразил, Србија, Албанија, Чиле и Македонија ќе ја споделат својата страст и креативност низ улиците на Скопје (општините Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров и Кисела Вода), Битола, Прилеп, Велес, Охрид, Тетово, Куманово, Кавадарци и Гевгелија.

Публиката ќе има можност да ужива во акробати, жонглери, улични музичари, илузионисти, кловнови и други изведувачи кои ќе донесат искрена емоција и забава на отворено. Секоја вечер носи ново изненадување, нова енергија и нова причина за насмевка.

„Баскерфест“ е повеќе од фестивал – тој е мост меѓу уметникот и минувачот, меѓу емоцијата и јавниот простор. Тој го слави уметничкото изразување како дел од секојдневието и потсетува дека културата припаѓа на сите, и дека секоја улица може да стане сцена.

Сподели ја објавата