Стартува кампањата за локалните избори – во трка 309 кандидати за градоначалници

Со првите минути по полноќ започнува изборната кампања за локалните избори што ќе се одржат на 19 октомври, додека евентуалниот втор круг е закажан за 2 ноември. Овие избори ќе бидат осми по ред од осамостојувањето на државата и четврти на кои истовремено се избираат и градоначалници и општински совети.

Според податоците на Државната изборна комисија, во трка за градоначалничките функции влегуваат 309 кандидати во сите 80 општини и во Градот Скопје. За советничките клупи, пак, се пријавени 576 листи, со вкупно 10.490 кандидати.

Во претходните 20 дена граѓаните имаа можност да извршат увид во избирачкиот список и да побараат исправки на податоците. На денот на гласањето ќе бидат отворени 3.480 избирачки места, а таму каде што бројот на гласачи е помал од десет (вкупно 132 места), тие ќе гласаат на најблиското избирачко место.

За организацијата на изборниот процес предвидени се 9,76 милиони евра. Најголемиот дел од овие средства – околу две третини – се наменети за медиумско покривање и политичко рекламирање, додека остатокот ќе биде искористен за трошоци околу избирачките одбори, логистика и транспорт на материјалите.

Локалните избори во земјава се одржуваат на секои четири години во втората половина на октомври. Првпат беа организирани во 1996 година, а потоа во 2000, 2005, 2009, 2013, 2017 и 2021 година.

Сподели ја објавата