Целосна климатизација и прочистувачи на воздух во градинките „11 Октомври“ во Бутел

Сите објекти на детската градинка „11 Октомври“ во општина Бутел од ова лето се целосно климатизирани со нови клима-уреди, информираат од Општината. Со оваа набавка, ефикасно е одговорено на барањата на родителите, кои укажуваа на потребата од подобрување на условите во објектите за време на летниот период.

„Она што беше барање на родители – од ова лето е надминато. Целосно сме посветени и работиме на подобри услови за нашите дечиња“, соопштуваат од Општина Бутел.

Дополнително, од септември сите објекти на градинката ќе бидат опремени со прочистувачи на воздух. Локалната самоуправа наведува дека оваа мерка е дел од пошироките напори за унапредување на квалитетот на амбиентниот воздух во просториите каде престојуваат најмладите.

„Во насока на подобрување на квалитетот на воздухот, односно за намалување на последиците од аерозагадувањето, преку обезбедување прочистувачи на воздух, ќе придонесеме за поголема заштита на децата од предучилишна возраст“, додаваат од Општината.

Со овие активности, општина Бутел продолжува со вложувања во унапредување на условите во јавните установи, ставајќи посебен акцент на грижата за најмладите.

Сподели ја објавата