Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, оствари средба со генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија, д-р Саит Саити, на која се разговараше за унапредување на меѓусебната соработка и заеднички активности во насока на поголема грижа за бездомните лица на територијата на град Скопје.
Фокусот на средбата беше ставен на потребата од конкретна поддршка за најранливите категории граѓани, преку координирани и хуманитарни иницијативи. Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека хуманоста претставува мерка за зрелоста на едно општество, изразувајќи уверување дека преку заеднички ангажман можат да се создадат подобри и подостоинствени услови за лицата кои се соочуваат со бездомништво.
„Секој од нас има обврска да подаде рака на оној што има најмалку, бидејќи вистинската сила на заедницата се гледа во моментите кога се грижиме за најранливите,“ нагласи Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека Скопје треба да биде заеднички дом со место, грижа и љубов за сите – град во кој солидарноста ќе биде најголемата вредност, а хуманоста – јазик што сите го разбираат.