ИСТОРИСКИ НАЈВИСОКИ КАПИТАЛНИ ИНВЕСТИЦИИ ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ: 352 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА 24 НОВИ ПРОЕКТИ

Општина Ѓорче Петров започнува со реализација на 24 нови капитални проекти, за кои се предвидени вкупно 352.000.000 денари со најновиот ребаланс на буџетот, усвоен на 57. седница на Советот на Општината.

Со ребалансот, капиталните расходи се зголемуваат за 48%, што претставува историски највисок инвестициски циклус на територијата на општината.

Проектите се распоредени рамномерно низ сите населени места и опфаќаат:

  • изградба и реконструкција на улици и краци во населбите Хром, Волково, Даме Груев, Кисела Јабука, Стопански Двор, Ново Село, Орман, Никиштани и Кучково
  • втора фаза од изградбата на нова детска градинка во с. Ново Село
  • доградба на училници во ПООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ и ООУ „Јоаким Крчовски“
  • изработка на основни проекти за јавни површини со плоштад, пешачка патека и урбана опрема

Со овие проекти, Општината продолжува да инвестира во клучна инфраструктура, образовни капацитети и услови за поквалитетен живот на граѓаните.

„Ова е досега најобемниот развоен пакет за Општина Ѓорче Петров. Работиме системски, рамномерно и одговорно – за секој метар улица, за секое населено место“, изјави градоначалникот Александар Стојкоски, упатувајќи благодарност до советниците кои го поддржаа овој стратешки чекор за општината.

Извор:opstinagpetrov.gov.mk

Сподели ја објавата