Граѓанската иницијатива „Независни за Карпош“ објави дека на претстојните локални избори ќе настапи со сопствена граѓанска листа, а не како дел од нова политичка партија. Информацијата беше споделена денеска на официјалната Фејсбук страница на организацијата.
Од иницијативата соопштија дека се повлекуваат од заедничката постапка за формирање политичка партија „Независни заедно“, проект што го започнаа заедно со „Шанса за Центар“ и „Зелените“ од Гази Баба, а кој подразбираше собирање граѓански потписи за регистрација на новата партија.
Според „Независни за Карпош“, самостојниот настап им овозможува поголема флексибилност и прилагодување на потребите на граѓаните во општината.
„Таа флексибилност, која ја сметаме за клучна за нашата ефикасност, е многу потешко остварлива во рамки на поголема група или партија, каде процесот на одлучување е подолг и често бара компромиси на сметка на локалните приоритети. Приклучувањето кон партија отсекогаш било последна опција за учество на избори“, нагласуваат од иницијативата.
Од организацијата додаваат дека конфузијата и неизвесноста што ги предизвикуваат независните иницијативи под влијание на политичките партии нема да ја поколебаат нивната визија – да понудат конкретни решенија за подобар квалитет на живот на жителите на Карпош.