Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, преку социјалните мрежи информираше дека во населбата Волково, под пругата, интензивно се изведуваат градежни работи за асфалтирање на нови улици со вкупна површина од 10.000 квадратни метри.
„Континуирано, посветено се грижиме за секој дел од општината. Ѓорче ја доживува својата инфраструктурна револуција. Задоволството на нашите сожители е главен мотив и најголема награда за работата“, изјави градоначалникот Стојкоски.
Тој дополнува дека во рамки на овој градежен зафат, се асфалтираат 19 улички во делот на т.н. 22-ка и 20-ка, каде жителите со децении се соочувале со лоши патни услови. Со реализацијата на овој проект, како што вели, се решава долгогодишен проблем, а вакви интервенции ќе продолжат и во другите маала низ општината.
Овој проект е дел од пошироката стратегија на општина Ѓорче Петров за подобрување на локалната патна инфраструктура и унапредување на квалитетот на живот на граѓаните.