Објавен оглас за субвенции на инвертер клима уреди за ранливи категории граѓани

Владата на Република Македонија објави јавен оглас за финансиска поддршка за набавка на инвертер клима уреди за домаќинства кои припаѓаат на категоријата на ранливи потрошувачи на енергија. Огласот е дел од Програмата за заштита на ранливи потрошувачи за 2025 година и ќе биде отворен 60 дена.

Според информациите од ВМРО-ДПМНЕ, за оваа намена се обезбедени 170 милиони денари, а мерката е насочена кон подобрување на животниот стандард на социјално загрозените семејства и намалување на енергетската сиромаштија.

Станува збор за субвенционирање на инвертер клима уреди од енергетска класа А+ со инсталирана моќност од 3,5 киловати, кои ќе бидат директно вградени во домовите на корисниците. Новина е што клима уредите ќе се распределуваат врз основа на месечните приходи на домаќинствата – од најниски кон повисоки – сè до исцрпување на средствата, со што се елиминира досегашниот принцип „прв дојден – прв услужен“.

Од партијата велат дека оваа мерка гарантира дека уредите ќе стигнат до оние на кои им се најнеопходни, обезбедувајќи комфор и енергетска ефикасност во домовите како во летниот, така и во зимскиот период.

Дополнително, ваквата иницијатива има и еколошка компонента – се очекува да придонесе кон намалување на загадувањето, особено во зимските месеци кога традиционалните начини на греење придонесуваат кон зголемување на аерозагадувањето.

Покрај оваа мерка, Владата обезбедила и финансиска поддршка за делумно покривање на трошоците за потрошена електрична енергија за граѓаните од ранливите категории.

Сподели ја објавата