Обид за убиство во Ѓорче: снаа се обидела да ја задуши бабата со перница

Скопското Обвинителство започна истражна постапка против 28-годишна жена, која е осомничена за обид за убиство. Инцидентот се случил пред два дена во домот на улицата „Борис Бојаџиски“ во скопската населба Ѓорче Петров, каде што осомничената живеела со бабата на својот сопруг.

Според информациите од Обвинителството, додека бабата, родена 1938 година, одмарала во една од собите, осомничената ја заклучила вратата, седнала врз неа и се обидела да ја задуши со перница. Освен тоа, таа ја удрила и со тупаници по главата. Обвинителството наведува дека осомничената престанала со нападот откако помислила дека бабата е мртва и за тоа му известила на својот сопруг, кој веднаш повикал полиција.

Бабата била пренесена во болница, каде што лекарите констатирале нагмечување на главата и вилицата, како и хематоми. Обвинителството до судот доставило предлог за определување мерка притвор за осомничената, а случајот продолжува да се истражува.

Сподели ја објавата