Општина Ѓорче Петров со нов специјализиран камион за интервенции на терен

ФОТО: Општина Ѓорче Петров

Во функција на подобрување на јавната хигиена, ефикасно справување со еколошки предизвици и брза реакција на терен, Општина Ѓорче Петров денес, во присуство на министерот за локална самоуправа г. Златко Перински, официјално го презентираше новиот специјализиран камион за отстранување отпад и санација на критични точки долж реката Лепенец.

Настанот ја означи завршницата на прекуграничниот проект „Паметен систем за рано предупредување на поплави и следење на отпадот во сливот на реката Лепенец“, финансиран од Европската Унија преку ИПА II програмата.

Како дел од овој проект, покрај специјализираното возило, Општина Ѓорче Петров доби и современа опрема и технолошки решенија за рана детекција и мониторинг, вклучувајќи:

  • 2 паметни камери со сензори, кои во реално време детектираат нелегално фрлање отпад;
  • Сензор за следење на водостојот, кој овозможува навремено предупредување од поплави;
  • 2 дрона за аеронадзор, кои се користат за следење на ризични подрачја и контрола на отпадот.

Возилото е наменето за интервенции во кризни услови, отстранување диви депонии и пристап до тешко достапни терени, што претставува сериозен чекор напред во зајакнувањето на теренската подготвеност и оперативните капацитети на општинските служби.

Министерот Перински, во рамки на посетата, оствари информативен разговор со градоначалникот Александар Стојкоски, при што заеднички беа разгледани натамошни можности за развој на општинската инфраструктура и продлабочување на соработката со меѓународни партнери.

Ова возило е резултат на одлична меѓуопштинска и регионална координација и претставува заокружување на значаен проект со директна корист за граѓаните. Нашата општина продолжува со заложбата за еколошки поодговорно, поефикасно и побезбедно општинско функционирање,“ – изјави градоначалникот Стојкоски.

Проектот беше реализиран преку заедничко партнерство со неколку институции, предводени од Општина Хани и Елезит од Република Косово, која воедно ја имаше улогата на водечки партнер. Од македонска страна, во имплементацијата активно учествуваше и Дирекцијата за заштита и спасување, како и Меѓународниот институт за развој и истражување „Д-р Југослав Ачковски“ од Скопје, кој даде значаен придонес во делот на стручната анализа и техничката подготовка на проектните активности.

Како краен корисник на проектот се јавува Општина Ѓорче Петров, чии општински служби се целосно вклучени во процесот и веќе поминаа обука за користење на специјализираната опрема и современите системи за мониторинг, што се набавија преку проектот.

Сподели ја објавата