Општина Ѓорче Петров информира дека оброците за децата во сите објекти на јавната установа за згрижување деца од сега се подготвуваат во централната кујна при градинката „Росица“ – под строго контролирани услови и во согласност со највисоки хигиенски и нутритивни стандарди.
Со одговорно и домаќинско управување, Општината инвестираше во подобрување на условите за подготовка на оброците преку набавка на:
- индустриска печка за подготовка на кифлички и останати тестени производи,
- професионален миксер за месење тесто,
- мелница за месо, со што се гарантира свежа и безбедна преработка на месни производи.
Како што истакна градоначалникот Александар Стојкоски, „Претходно, исхраната беше обезбедувана преку приватни производители, но таквиот модел на набавка се покажа како финансиски неоправдан, а квалитетот не ги задоволуваше критериумите што Општината ги смета за приоритетни кога станува збор за детска исхрана. Затоа одлучивме да преземеме целосна контрола врз подготовката на оброците – од квалитетот на намирниците, до хигиената на просториите и опремата“.
Воведувањето на централната кујна претставува уште еден важен чекор во грижата за најмладите жители на Ѓорче Петров, обезбедувајќи секојдневни оброци подготвени со внимание, проверен квалитет и со почитување на стандардите за здрава и балансирана исхрана.

Извор:opstinagpetrov.gov.mk