Пријавување за упис во прва година на УКИМ за академската 2025/2026 година

Се отвора првиот рок за пријавување на кандидатите за упис во прва година додипломски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје за академската 2025/2026 година. Пријавувањето ќе трае два дена, на 19 и 20 август (вторник и среда).

Според објавениот конкурс на УКИМ, на 23-те факултети во составот на универзитетот се слободни вкупно 9719 места. Од нив, 4683 места се наменети за редовни студенти во државната квота, 4081 место за редовни студенти со кофинансирање на студиите, а 955 места за вонредни студенти.

Најголем број слободни места има на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ (1020), следен од Природно-математичкиот факултет со 910 места, Филозофскиот факултет со 880 места, Филолошкиот факултет со 810 места, Медицинскиот факултет со 760 места, Економскиот факултет со 700, Правниот факултет со 610 и Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ со 590 слободни места.

Цената на партиципација за редовните студенти што се финансираат од државниот буџет изнесува 200 евра, додека студентите со кофинансирање и вонредните студенти ќе плаќаат по 400 евра.

Секој кандидат кој сака да се пријави, пред пријавувањето мора да се регистрира на веб-страницата www.upisi.ukim.mk и да ја пополни електронската пријава преку iKnow-системот.

Покрај првиот рок, предвидени се уште два рокови за пријавување: вториот рок ќе биде на 11 и 12 септември, а трет рок, во кој ќе се пријавуваат кандидати за слободните места, е закажан за 24 септември 2025 година.

Во конкурсот на УКИМ се наведени сите услови, критериуми, рокови, потребни документи и начини за аплицирање, а кандидатите се охрабруваат да ги следат официјалните објави и информации на Универзитетот.

Сподели ја објавата