Граѓаните на Аеродром, незадоволни од неодговорноста на надлежните, поставија нов рок од пет дена за реакција во врска со депонијата Вардариште. Доколку не добијат конкретни мерки за решавање на проблемот, најавуваат проширување на протестите со блокади на дополнителни крстосници.
Местните жители бараат итно затворање на депонијата, како и 24-часовно обезбедување на просторот. Тие инсистираат на оградување на депонијата, забрана за ново одлагање на отпад, како и дислокација на околните жители кои живеат во непосредна близина, со цел да им се обезбеди соодветно сместување.
Дополнително, барањата вклучуваат и започнување на процесот на отплинување на Вардариште, рециклирање на отпадот во соодветни категории, а за отпадот кој не може да се третира безбедно во земјата, властите треба да најдат начин за негово транспортирање во друга држава која ќе може да го обработи на безбеден начин.
Граѓаните исто така апелираат за ригорозно казнување на оние кои исфрлаат отпад на недозволени места, како и на оние што горат отпад. Се бара од инспекциите да утврдат кои компании продолжуваат да исфрлаат отпад на Вардариште, особено со оглед на податоците дека дури 189 фирми во овој дел на Скопје имаат лиценци за работа со отпад.