Сигурно не знаете што овој знак означува

Борбата против пребрзите возачи се спроведува на различни начини во различни држави, а Шпанија се издвојува со иновативна и технолошки напредна практика – предупредувачки сообраќајни знаци кои најавуваат дека надзорот се врши со дронови и хеликоптери.

Како што пренесува Ревија ХАК, дроновите летаат на височина од околу 120 метри, можат да достигнат брзина до 80 km/h и да регистрираат прекршоци на далечина до два километра. Во моментов, во Шпанија се користат околу 40 вакви летала.

Овие дронови се опремени со камери со висока резолуција. Еден полицаец го управува дронот, додека друг ги следи и анализира снимките – идентификувајќи пребрзо возење, опасни маневри при претекнување, користење мобилен телефон зад волан и некористење на сигурносен појас. Кога ќе се утврди прекршок, истиот се документира и на возачот му се испраќа казна.

Покрај дроновите, шпанските сообраќајни власти располагаат и со 12 хеликоптери, исто така опремени со радарска технологија, кои служат за следење и документирање на слични прекршоци, особено прекршувања на ограничувањето на брзината.

Со оваа модерна технологија, Шпанија се позиционира како една од најнапредните земји во Европа кога станува збор за надзор и санкционирање на сообраќајни прекршоци.

Сподели ја објавата