Основното јавно обвинителство во Скопје започна постапка против 40-годишен маж, осомничен за кривично дело – телесна повреда, според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Инцидентот се случил на 21 септември во дворот на семејниот дом на улицата „Славејко Арсов”.
Според информациите, осомничениот во моментот на настанот, на висок тон, барал пари од своите родители. Неговиот татко, вознемирен од ситуацијата, веднаш го напуштил дворот, а осомничениот продолжил со агресивно однесување кон мајка си, користејќи груби и навредливи зборови.
Ситуацијата ескалирала кога тој физички ја нападнал, обидувајќи се да и го одземе телефонот, а потоа ја турнал на земја и почнал да ја дави. Оштетената, исплашена за својот живот, успеала да се оттргне, додека осомничениот продолжил со насилничкото однесување, кршејќи предмети во дворот. Како резултат на овој инцидент, на мајката и биле нанесени телесни повреди. Поради опасноста од бегство и потребата за заштита на оштетената, јавниот обвинител предложи мерка притвор за осомничениот.